САМО ШТО ДОЈДЕ НА ВЛАСТ И ВЕЌЕ ИМА ПРОТЕСТИ: Се собраа Аргентинците против новиот претседател

Протестите беа организирани по повод најавените економски мерки на новата администрација

Илјадници луѓе се собраа денеска во Буенос Аирес на протест против економската политика што ја најави новоизбраниот аргентински претседател Хавиер Милај.

Полицијата со штитови го блокираше патот до зградата на владата, каде демонстрантите започнаа протестен марш.

Надлежните ги насочија демонстрантите од патот за да се одвива сообраќајот.

Ова е мирна мобилизација. Не сакаме конфликти – изјави Едуардо Белибони, кој ја предводи левичарската група Поло Обреро, која ги повика граѓаните на протест.

Новиот претседател на Аргентина минатата недела предупреди дека нема алтернатива за фискалниот „шок“ и дека нема пари, велејќи дека неговите претходници ја напуштиле земјата без средства, на пат кон хиперинфлација.

Оваа недела, аргентинскиот министер за економија Луис Капуто објави девалвација на националната валута, пезосот, за околу 50 отсто и големи намалувања на трошоците, со цел да се спречи хиперинфлацијата и да се поправи најтешката економска криза во земјата во последните децении , според Ројтерс.

За прв пат во последните неколку години на главните влезови во градот беа распоредени полицајци и специјална опрема.