Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, мајката на Орце Камчев, Ратка Камчева, како и неколку нивни компании се најновите имиња на црната листа на САД објавена вчера попладне.
Во одлуката на американското министерство за финансии се наведува дека сите споменати лица и фирми се ставени на листата поради нивната тесна поврзаност со Јордан камчев кој веќе се наоѓа на црната листа од јули годинава, како и поради нивни коруптивни и незаконски активности.
На листата се ставени и компаниите Систина Лајф Кеар Центар, Орка Холдинг, Бет сити, Орка Фајнанс, Камчев консалтинг.
Самсоненко, Ирина и Камчева се именувани согласно извршната наредба 14033 на американската администрација поради „материјално помагање, спонзорирање или обезбедување на финансиска, материјална или технолошка поддршка, како и стоки и услуги за поддршка на Јордан Камчев, кој веќе е ставен на црната листа на САД. Основата за ставањето на црна листа за брачната двојка Самсоненко и мајката на Камчев се трансакциите опфатени со случајот Парцели на Водно, во кој Русинот сведочеше, а Камчева со синот Орце беше обвинета за перење на пари.
Во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина. Во истиот период, Ирина префрлила пари на Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ (Камчев Консалтинг) и Орка Фајнанс Скопје ДООЕЛ (Орка Фајнанс); двете компании се поврзани со Ратка Камчева. Исто така, во истиот временски период, парите што им беа префрлени на Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс беа искористени за плаќање на заем поврзан со Орка Холдинг АД (Орка Холдинг), компанија поврзана со Јордан Камчев. Дополнително, Самсоненко и Ирина ја купија фирмата Систина Лајф Кеар Сентар Скопје ДООЕЛ (Систина Лајф Кеар Сентар), друг субјект вмешан во судскиот процес „Парцели на Водоно“, од Камчев и Камчева. Конечно, Бет Сити Интернационал ДОО Скопје (Бет Сити), спортска обложувалница, половина е во сопственост на Самсоненко, а половина сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е СДН Јордан Камчев.
„Нивните дејствија покажуваат како одредени елити профитираат од корупција и ги нарушуваат државните институции на сметка на граѓаните на државите“, се наведува во образложението.
Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер соопшти дека „ова е предупредување до поединци, кои ја злоупотребуваат својата моќ и ја злоупотребуваат довербата на луѓето, дека САД ќе ги повика на одговорност корумпираните актери“.
„Оваа назнака е потсетник дека соработката со одредени луѓе ќе има влијание врз вас и вашето семејство”, вели Агелер.