Саудиска Арабија и Катар го отплатија долгот на Сирија од 15,5 милиони долари

Светската банка денеска објави дека Саудиска Арабија и Катар го отплатија преостанатиот сириски долг во износ од 15,5 милиони долари (13,9 милиони евра), што ќе му овозможи на Дамаск да земе нови заеми.

Сирија го поздрави потегот како отворање на патот за закрепнување и реконструкција на земјата по 14-годишниот конфликт во кој загинаа половина милион луѓе и беше предизвикана огромна штета.

Тоа е долг кон Меѓународната асоцијација за развој на Светската банка, фонд кој обезбедува заеми и грантови со нулта или ниска камата за најсиромашните земји во светот.

Обединетите нации проценуваат дека 90 проценти од Сиријците живеат во сиромаштија и дека добиваат само два часа електрична енергија обезбедена од државата дневно.

Милиони Сиријци не можат да си дозволат да плаќаат високи такси за електрична енергија од приватни генератори или да инсталираат соларни панели за да го надополнат оскудното снабдување со електрична енергија.

Во март, Катар почна да ја снабдува Сирија со природен гас преку Јордан за да ги ублажи прекините на електричната енергија што траеја со часови. Сепак, западните санкции наметнати врз земјата за време на владеењето на династијата Асад беа пречка за проектите за развој и реконструкција.