Топлотен бран, со температури над 43 степени Целзиусови, ги погоди југозападните делови на Соединетите Американски Држави, а метеоролозите предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа, бидејќи се појавува метеоролошки феномен познат како топлинска купола.
Над американските пустински сојузни држави деновиве, т.н топлинска купола, која ќе го локализира и одржува висок притисок, па дури и повисоки температури, ставајќи ги во опасност повеќе од 50 милиони Американци во таа област. Станува збор за метеоролошки феномен кој има потенцијал да ги направи летните месеци во областа најлоши досега.
– Најтоплите месеци на овие простори се вообичаено јуни и јули, така што екстремните горештини на кои сме сведоци сами по себе не се нешто ново. Но, она што треба да нè загрижи е фактот што периодот на одржување на толку високи температури од година во година е се подолг и подолг. Оваа година би можеле да го собориме рекордот поставен во 1974 година, кога топлотниот удар траеше цели 18 дена – изјави Габриел Лоџеро, метеоролог од Аризона.
Здравствените експерти предупредуваат дека состојбата не е безопасна и ги повикуваат граѓаните да бидат дополнително внимателни и да преземат заштитни мерки. Според најновиот извештај од Одделот за јавно здравје на округот Марикопа во Аризона, дури 425 смртни случаи кои се припишуваат на екстремна топлина биле регистрирани во 2022 година. Ова е зголемување од 25 проценти во однос на претходната година.
– Мораме да станеме свесни дека смртта од превисоките температури е водечка причина за смрт од временските услови во САД – предупреди Исак Смит, метеоролог од Аризона, додавајќи дека летата на американскиот југозапад веќе не се само „обично жешки“, а покрај екстремните горештини, за граѓаните поголема закана се и недостиг на вода во комбинација со пожари, пишува „Њујорк тајмс“.