Светска банка и предлага на Македонија зголемување на ДДВ од 18 на 19 отсто. Треба да се укинат и повластените тарифи за оние производи и услуги кои не се неопходни, како една од мерките за зголемување на даночните приходи, пишува „Дојче веле“.
Според експертите на Светска банка, Северна Македонија ќе се соочи со растечкиот долг преку подобрување на фискалната состојба, зајакнување на буџетската дисциплина и подобрување на наплатата на даноците.
„Во последната деценија, земјата се соочи со повисоки фискални дефицити од споредливите земји од Западен Балкан, при што нивоата на долг надминуваат 62 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Оттука, потребни се поголеми напори за да се осигура дека Северна Македонија ќе остане на патот кон пристапот до Европската унија (ЕУ)“, велат од Светска банка.
Предлог за зголемување на ДДВ неодамна дојде од бизнис секторот, но предложија да се зголеми на 19,5%.
Светска банка предлага и постепено зголемување и изедначување на старосната граница за пензионирање на мажите и жените во земјава, како и постепено зголемување на стапката на придонеси. Светска банка посочува дека земјата се уште има пензиски дефицит и без реформи би пораснала дополнително.