Светското првенство во 2030 година би можело да се игра со дури 64 репрезентации

Претседателот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација Алехандро Домингез предложи Светското првенство во 2030 година да се прошири на дури 64 репрезентации.

Светското првенство во 2030 година ќе се одржи на три континенти.

Уругвај беше прв домаќин пред сто години и ќе организира еден натпревар, а домаќини ќе бидат и Парагвај, Аргентина, Шпанија, Португалија и Мароко.

„Убедени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена, бидејќи 100 години се слават само еднаш“, рече Домингез за време на говорот на отворањето на 80-тиот редовен конгрес на КОНМЕБОЛ, додавајќи:

„Затоа предлагаме оваа годишнина да се одбележи со 64 екипи“, рече претседателот на КОНМЕБОЛ.

На Светското првенство во Катар во 2022 година настапија 32 селекции, а на претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада следното лето ќе играат 48 репрезентации.

Со проширување на форматот на 64 тима, најголем бенефит би имале репрезентациите членки на КОНМЕБОЛ бидејќи сите десет селекции би оделе директно на завршниот турнир.

„Ова ќе им овозможи на сите земји на КОНМЕБОЛ да имаат можност да го искусат ова“, рече Домингез.

Од членовите на КОНМЕБОЛ, само Венецуела никогаш не играла на Светско првенство.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, претходно изјави дека Светското првенство со 64 репрезентации е лоша идеја.