На армискиот полигон „Криволак“ денес со воена церемонија беше означен почетокот на меѓународната вежба „Итен одговор 25“ (IR25), која ќе трае до 9 јуни. Единици од седум земји членки на НАТО и две земји партнери, со својата опрема и оружје на формацијата, ќе ги демонстрираат безбедносните способности и зајакнувањето на сајбер одбраната преку борбено гаѓање, преминување на реки и вежби за сајбер одбрана за армиски борбени единици“, информира Генералштабот на АРМ.
Вежбата официјално ја отвори бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командант на Оперативната команда, која е организатор и домаќин на вежбата. Тој им честиташе на учесниците за посветеноста и професионализмот што ги покажаа за време на процесот на планирање и нагласи дека очекува одлична работа и високи резултати.
„Итен одговор 25“ претставува одлична можност за потврдување, подобрување и верификација на интероперабилноста и оперативната способност на сојузниците за спроведување конвенционални операции, за организирање борбени системи и за подобрување на тактиките и техниките при спроведување операции, со цел создавање поголема отпорност и самоодржливост на бојното поле. За нас, како домаќин и како армија на земја која неодамна прослави пет години членство во НАТО, оваа вежба е идеална можност за распоредување и обука на нашите декларирани сили, но и за директна соработка со сојузничките армии и партнери“, нагласи генералот Ѓоргоски, прогласувајќи ја вежбата за отворена.
Конечно, свеченоста ја збогатија армиски оркестри од земјата и од Вермонт, САД, кои настапија од својот воен репертоар.
Над 2.200 припадници на вооружените сили од земјава, САД, Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, Обединетото Кралство, Австрија и Косово учествуваат во вежбовната активност на армискиот полигон „Криволак“.