Од владејачката македонска партија СДСМ преку соопштение за медиумите велат дека „за само шест години ја зголемиле просечната пензија за 40 отсто“.
Од оваа партија велат дека постојано работат на подобрување на животниот стандард на сите граѓани, особено на пензионерите.
„Ако во 2016 година просечната пензија беше 13.754 денари, додека денес е 19.106 денари во 2023 година, што е зголемување за 40 отсто во мандатот на владите предводени од СДСМ. За континуирано и навремено зголемување на пензиите, заедно со пензионерите донесовме нова методологија со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци“.
„Со новата методологија, пензиите за само 18 месеци од јануари 2022 до септември 2023 година ќе се зголемат за 26 отсто, додека за истиот период ја зголемивме минималната пензија од 9.000 денари на 12.500 денари. Тоа е значително поголем пораст на пензиите во однос на годините пред 2016 година кога ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми пензиите за незначителен износ надвор од законот, фиксно и исклучиво пред избори“, велат од СДСМ.
Додаваат и дека покрај зголемувањето на пензиите, обезбедиле и дополнителна финансиска помош во најтешките месеци од светската економска криза.
Нашите постари сограѓани кои ја изградија оваа држава мора да имаат услови за достоинствен живот и ние како СДСМ им го овозможуваме тоа и за ова продолжуваме со вистинска грижа на дело за нашите сограѓани“, велат од СДСМ.