СДСМ: Компанијата од која е набавен огнометот што ја предизвика трагедијата во Кочани е на бизнисмен многу близок до Мицкоски

Опозициската партија СДСМ обвини дека пиротехничките средства што го предизвикаа пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се набавени од компанија чиј сопственик, според нив, е многу близок до премиерот Христијан Мицкоски.

Од СДСМ прашуваат зошто во ниту еден момент Коцевски, Тошковски и Мицкоски не се осмелија да коментираат за изворот на пиротехничките средства.

„Зошто обвинителот Коцевски, министерот за внатрешни работи Панке Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски во ниту еден момент не се осмелија да коментираат за изворот на пиротехничките средства што го предизвикаа пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа над 6о млади животи, а 200 млади луѓе беа повредени? Зошто истрагата досега не откри од каде се пиротехничките средства во клубот? Зошто Министерството за внатрешни работи сè уште не истражи кој нелегално шверцува пиротехнички средства во Македонија и како такви средства завршиле во дискотеката „Пулс“ таа кобна ноќ?“, нагласи Методија Илиевски од СДСМ.

Од СДСМ велат дека доколку се открие изворот на пиротехничките средства, истрагата ќе стигне до најблискиот периметар на луѓе околу премиерот.

„СДСМ прашува дали има некаков извештај во обвинителството дека пиротехничките средства во дискотеката „Пулс“ припаѓаат на компанија блиска до Мицкоски, зошто обвинителството досега не постапило по овој извештај и дали обвинителството го документирало ова. Сопственикот и одговорното лице на компанијата е блиско лице на Мицкоски, од Струмица. Дали оваа компанија била вклучена во организирање партиски митинзи на ВМРО-ДПМНЕ, дали ова е причината зошто Мицкоски ја попречува истрагата на обвинителството и ја спречува да биде на вистинскиот пат?“

Опозициската СДСМ вели дека нема да молчи додека виновните не бидат затворени и најави дека ќе продолжи да открива и други детали во врска со случајот Кочани.