СДСМ: Мицкоски не дозволува минимална плата од 500 евра, цените се зголемуваат, а платите останаа исти
Опозициската партија на социјалдемократите реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека платите во земјата се зголемуваат за 11, 12 и 13 проценти месечно.
Според партијата, станува збор за „филмски изјави“ кои се потценување и навреда за граѓаните.
„Каде се зголемуваат платите за 11, 12 или 13 проценти месечно? Ако е така, тогаш за шест месеци би се зголемиле за 66%, а за десет месеци до 110%. Граѓаните знаат дека реалноста е сосема спротивна – цените растат, а платите стагнираат“, велат од СДСМ.
Партијата додава дека статистиката го побива Мицкоски.
Според нив, вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка се зголемила за 3.473 денари од март до јули, додека просечната нето плата за истиот период се зголемила само за 1.033 денари.
„Македонија е четврта најсиромашна земја во Европа, а премиерот не дозволува минималната плата да се зголеми на 500 евра. Овие филмови на Мицкоски се само изговори за незголемување на платите – за работниците, старо железо, додека за владата, луксузни возила, приватни авиони и егзотично овошје на државен трошок“, велат од СДСМ.