СДСМ: Николоски велеше дека тунелот од Коридорот 8 завршувал во планина, а сега Владата се согласи дека трасата нема да се менува
СДСМ реагираат со соопштение откако македонската и бугарската влада ја потврдија својата посветеност за продолжување на изградбата на железничкиот Коридор 8. Од партијата ја критикуваат изјавата на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
-Најновата лага која со месеци ја трубеше министерот Александар Николоски е дека проектот за пругата од Коридорот 8 бил за никаде, дека тунелот завршувал во планина и дека тој ќе го сменел проектот.
Ништо од ова што го кажувал Николоски не било точно. Сега Владата се согласила и дека ќе се гради истиот проект и дека тунелот е добар и дека нема да се менува трасата, наведуваат од СДСМ.
Од партијата на Венко Филипче истакнуваат дека СДСМ постојано тврдеше дека станува збор за проект подготвен од меѓународни експерти, дека истиот е целосно во согласност со потребите на проектот и дека нема никаква друга пречка овој проект да се спроведе.
Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност за продолжување на изградбата на железничкиот Коридор 8, соопшти вчера Генералниот директорат на Европската комисија за соседски прашања и преговори за проширување.
Двете страни се договориле да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8, а надлежните министерства да работат на изнаоѓање договорено техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот, се вели во соопштението.
Се забележува дека коридорот е важна железничка врска за целиот регион и ЕУ.
-Тоа ќе доведе до побрзо патување за стоки и патници, подобрување на пристапот на пазарот и конкурентноста во Западен Балкан. Комисијата ја поздравува реафирмацијата на посветеноста на двете земји како подготвеност за регионална соработка – суштинска за иднината на двете земји, велат од Брисел.
-Владата е силно посветена на изградба на нова железничка мрежа во земјата и водејќи се од севкупниот економски развој и регионалното поврзување, а во духот на евроинтегративниот процес и потребата од модернизација и доизградба на европските транспортни коридори, остануваме целосно посветени на изградба на источниот дел на железничкиот Коридор 8, велат од Министерството за транспорт.
Додаваат дека тоа го докажува и континуираниот процес на изградба на првата и втората фаза од пругата на Коридор 8.
-Ова беше цврстиот став на македонската делегација составена од директорот на МЖ инфраструктура Синиша Ивановски и државниот секретар во Министерството за транспорт Стефан Волкановски, која со посредство на Европската унија во Брисел оствари работна средба со претставници од бугарската влада предводена од заменик министерот за транспорт, на која се разговараше за железничкото поврзување меѓу двете земји, стои во соопштението на ресорното министерство за средбата со бугарските претставници.
Кон крајот на месец јуни, Николоски укажуваше дека пругата кон Бугарија завршува во тунел кој нема крај. Тој потсети дека според планот пругата треба преку Крива Паланка да оди кон Бугарија. Рече дека ќе стави крај на неодговорното работење кое се карактеризира со недомаќинско трошење.