„Не само што владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ не презема никакви конкретни чекори за намалување на загадувањето на воздухот, туку и го намалува буџетот за клучни области како животната средина, енергетиката и квалитетот на воздухот“, реагираа денес од опозициската СДСМ во врска со информациите дека Скопје е меѓу најзагадените градови на светот.
„Во предложениот Буџет за 2025 година, парите за заштита на животната средина се намалени за цели 25%, парите за квалитет на воздух се намалени за 51% а парите за развој на енергетиката се намалени за 41%. Парите за гасификација речиси се преполовени, додека за енергетска трансформација, која е неопходна за намалување на загадувањето, нема ништо предвидено. Ниту најавената гасна конгенеративна централа и ветената инвестиција од 1 милијарда евра ја нема во предложениот буџет.
За власта на Мицкоски поважно е луксузирањето, па затоа во Буџетот има повеќе пари за мебел, за возила, за стоки и услуги. Со ова, власта на ДПМНЕ покажува дека не само што нема стратегија за борба против загадувањето, туку и нема волја да го подобри квалитетот на воздухот.Мицкоски ги остава граѓаните да се гушат“, се додава во соопштението на СДСМ.