СДСМ: Работниците и пензионерите не се виновни за зголемувањето на цените

Во време кога цените на основните производи и трошоците за живот ненадејно растат, премиерот Христијан Мицкоски ја шири тезата дека инфлацијата е последица на зголемувањето на платите и пензиите. Ова не е вистина. Ова е маневар за префрлање на вината за економската состојба врз работниците и пензионерите, а не врз вистинските причини, велат од СДСМ.

„Ако ги погледнеме најновите статистички податоци за споредбата помеѓу просечната плата и потрошувачката кошничка, ќе видиме дека расходите растат двојно побрзо од зголемувањето на платите. Вредноста на синдикалната кошничка се зголеми од 61.855 денари во март на 63.908 денари во мај, па за три месеци имаме зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето плата се зголеми од 44.763 денари на 45.796 денари, па за три месеци се зголеми само за 1.033 денари.

Ако ги погледнеме најновите бројки, разликата станува уште позабележителна. Во јуни кошничката достигна 64.698 денари, додека во јули достигна 65.328 денари, што значи дополнително зголемување од 1.420 денари за само два месеци. Нема податоци за просечната плата за истиот период, но трендот од претходните месеци јасно покажува дека растот на платите е многу побавен од растот на расходите. Реалната куповна моќ на граѓаните опаѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо.

Премиерот зборува и за пензиите како причина за зголемувањето на цените, но фактите се спротивставуваат на ова. Во март имаше еднократно, линеарно зголемување од 2.500 денари. Но, ова не стана тренд. Во април просечната пензија падна на 26.163 денари, во мај беше 26.157, додека во јуни едвај се врати на 26.207 денари. Пензионерите продолжуваат да живеат на работ на егзистенцијата. Нивните приходи едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека предизвикуваат инфлација е економски и морално погрешно“, се вели во соопштението на СДСМ.