Зголемување на платите и пензиите, повеќе средства за субвенции во земјоделството, за здравството и образованието се предвидени со новата буџетска распределба, се наведува во денешното соопштение на СДСМ.
„Обезбедуваме дополнителни 4,25 милијарди денари за зголемување на платите во јавниот сектор и за исплата на К-15.
За усогласување на платите со зголемувањето на минималната плата во 2023 година се издвоени 480 милиони денари.
Дополнителни 3,5 милијарди денари им се обезбедени на 336 илјади пензионери за зголемување на пензиите за околу шест отсто, почнувајќи од септември годинава.
Што се однесува до земјоделските субвенции, дополнителни 800 милиони денари се издвоени за субвенции за млеко, сточарско производство, делумно и авансни плаќања на земјоделците за растително и сточарско производство“, велат од СДСМ.
Дополнителни средства, додаваат оттаму, се планирани и за студентска храна, училишни и студентски стипендии, како и за набавка на лекот Трикафта, за дигитални сензори за мерење на дијабетес.
Од таму потенцираат дека се планирани повеќе средства и за мерката „Мој ДДВ“, поради зголемувањето на лимитот за надоместување.