СДСМ: Шокантно е што Митева и Владата сметаат дека не е потребна лидерска средба за безбедност и мир во државата

Од СДСМ велат дека е шокантно што Владата и Митева излегуваат со став дека прашањата за безбедноста, мирот и иднината на нашата држава не се толку важни за лидерска средба, особено во услови кога секој ден има се нови вооружени инциденти на улиците и зголемените тензии кои ги подгреваат меѓуетничките односи.

„Вчера повторно имаше пукотници во Чаир, има и повредени, пред само еден ден изгореа возила и продавница во Куманово а пред тоа имаше пукотници среде Скопје. Во последните месеци се случија над 25 инциденти со огнено оружје.

Од друга страна, имаше сериозни инциденти со палење на македонското знаме, деца во воени униформи на училиште, повици за одмазда и дополнителни тензии. Сериозно се поттикнуваат страстите кои влијаат на влошување на меѓуетничките односи кои се темел на стабилноста на државата.

Затоа е неопходно сите релевантни политички чинители да преземат одговорност за смирување на растечките тензии и обезбедување стабилност.

Дали власта смета дека е нормално во ваква сериозна ситуација премиерот да не гледа потреба од лидерска средба?“, прашуваат од СДСМ.

Од таму додаваат дека е потребен итен политички дијалог за да се надмине актуелната криза, да се смири наелектризираната атмосфера и да се испрати јасна порака до јавноста за смиреност и стабилност.