Северина ќе одржи празничен концерт во Градот на културата – Крива Паланка

Хрватската музичка ѕвезда Северина ќе одржи солистички концерт на плоштадот во Крива Паланка, Градот на културата за 2024 година, каде периодов се актуелни голем број на фестивалски манифестации по повод ,,Крива паланка-Градот на културата” и ,,Кривопаланечко културно лето”.

Концертот на Северина е најавен како празничен и ќе се одржи на 28-ми август, со почеток од 22.30 часот.

– Со задоволство го најавуваме концертот на една од најпопуларните регионални музички ѕвезди, кралица на сцената чиишто хитови се неодминлив дел од секоја забава, хрватската пејачка Северина – на голем празничен концерт во Крива Паланка. Среда, 28-ми август 2024, 22:30 минути, Градски плоштад Крива Паланка.

Пејачката – миленик на публиката од сите генерации, со своите сценски настапи ги поместува границите и ги диктира трендовите, ќе ги разигра и разубави празнувањата во Крива Паланка.
Сочувајте го датумот – на 28-ми август – сите патишта водат во Крива Паланка – “Градот на културата “, порачаа од општината.

Инаку, Министерството за култура ја избра Крива Паланка за Град на културата за 2024 година во февруари, и тогаш истакнаа дека дека комисијата оценила оти Општина Крива Паланка има богата програма, која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естететика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.

-Општина Крива Паланка ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата. Во програмата се содржани 55 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во oпштината и учество на многу млади домашни уметници и автори, соопштија тогаш од Министерството.

Во склоп на летната културна програма на Крива Паланка, минатите години концерти имаат одржано Здравко Чолиќ, Црвена Јабука, Аца Лукас и други.