– Северна Кореја денес истрела балистичка ракета со долг дострел во Источното Море.
Здружениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека е забележано лансирање од област во или околу Пјонгјанг околу 10 часот утрината по локално време, објави сеулската новинска агенција Јонхап.
Ракетата, која е истрелана со „подигната траекторија“, достигна максимална височина од околу 6.000 километри и летала околу 1.000 километри пред да падне во морето во близина на островот Окушири кај Хокаидо, надвор од Ексклузивната економска зона на Јапонија, истакна јапонското Министерство за одбрана.
Времето на лет од 74 минути било најдолго досега за севернокорејска ракета, додаде Министерството.
Северна Кореја тестираше две балистички ракети со краток дострел во близина на нејзиниот источен брег на 15 јуни како одговор на заедничките воени вежби што ги организираа САД и Јужна Кореја.
Последното лансирање доаѓа само еден ден откако сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Ким Јо-џонг, предупреди дека Пјонгјанг ќе преземе „јасна и решителна“ акција против американските извидувачки летови во „економската поморска зона“ на Северна Кореја.