– Обвинувајќи ги САД дека спроведуваат „различни форми на шпионажа“ во „невиден размер“, Северна Кореја рече дека Корејскиот Полуостров е доведен „поблиску до работ на нуклеарна војна“.
Во истражувањето објавено од Министерството за надворешни работи на Северна Кореја и државната новинска агенција КЦНА, Пјонгјанг рече дека Вашингтон прави очајнички напори што му претходат на воениот процес за разгорување нуклеарна војна на Корејскиот Полуостров, каде што, според Пјонгјанг се испреплетени интересите на големите сили.
„Ваквите воинствени потези на САД ги зголемија воените тензии на Корејскиот Полуостров и во североисточна Азија и крајно нестабилната ситуација ја доведоа на работ на нуклеарна војна“, се наведува во истражувањето.
Беше посочено дека САД имаат претензии кон Корејскиот Полуостров, портата кон Азија, од средината на 19 век и дека нелегално ја окупираат Јужна Кореја под маската на ослободители и заштитници од крајот на Втората светска војна.
„САД намерно измислија разни инциденти и настани и постојано ја ескалираат нуклеарната закана и уцена против КНДР (Демократска Народна Република Кореја)“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Пјонгјанг предупреди дека доколку избие војна на Корејскиот Полуостров, „тоа брзо ќе се прошири во светска војна и термонуклеарна војна без преседан во светот“.
„Ова ќе има најкатастрофални и неповратни последици за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и во Североисточна Азија и остатокот од светот“, се додава.