Северна Кореја: Развојот на односите со Русија е за регионална стабилност

– Северна Кореја денес соопшти дека неодамнешниот напредок во нејзините билатерални односи со Русија е нејзино „суверено“ право и „темел за регионална стабилност“.

Пјонгјанг реагираше на изјавата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, кој на тековното Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк минатата недела рече дека каков било договор за оружје меѓу Северна Кореја и Русија ќе биде еднаков на директна провокација против Сеул.

„Развојот на пријателството и соработката меѓу народите е легитимно право на суверена држава и основа за регионален и глобален мир и стабилност“, објави КЦНА (Корејската централна новинска агенција) од Пјонгјанг.

Таа го обвини Јун за „малигно“ клеветење на односите меѓу Пјонгјанг и Москва.

Осврнувајќи се на војната на Русија против Украина, Јун рече: „Парадоксално е што постојана членка на Советот за безбедност на ОН води војна, врши инвазија на друга суверена нација и ќе добие оружје и муниција од режим што грубо ги крши резолуциите на Советот за безбедност на ОН.“

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се врати во Пјонгјанг минатата недела по еднонеделната посета на Русија.

„Сосема е природно и нормално соседните земји да одржуваат блиски односи едни со други и нема причина да се бара одговорност за таквата практика“, додава агенцијата.