Северна Македонија: Промовирана АДА, првиот дигитален асистент во јавниот сектор

Премиерот го оцени дигиталниот асистент во јавниот сектор како „револуционерен чекор во нашето општество“, преку кој компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во државата.

 Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој на Северна Македонија се промовираше првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран врз вештачка интелигенција – АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош.

На презентацијата присуствуваа високи владини претставници предводени од премиерот Димитар Ковачевски, претставници на бизнис-секторот, невладини организации и други поканети.

Во својот говор премиерот Ковачевски изрази задоволство што Северна Македонија се дигитализира и ги следи светските процеси.

Премиерот го оцени дигиталниот асистент во јавниот сектор како „револуционерен чекор во нашето општество“, преку кој компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во државата, како и државната помош што се нуди при инвестирање.

„АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, ќе влијаеме врз зголемувањето на транспарентноста на сите институции, но и врз намалувањето на корупцијата и елиминирањето на човечкиот фактор во процесите“, рече Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во своето обраќање истакна дека е горд на реализирањето на овој проект, додавајќи дека АДА е материјализирање на промената што ѝ е потребна на земјата, кога станува збор за дигитализацијата, транспарентноста, ефективноста и ефикасноста во јавниот сектор.

Тој изрази задоволство што АДА е креирана од домашна стартап компанија, додавајќи дека ова е порака дека младите имаат шанса да се покажат и во Северна Македонија.

„АДА е креирана од домашна стартап компанија, Кодвел, со која навистина имавме чест да работиме и ова не го кажувам само декларативно. Соработката со неа за мене е веројатно најзначајна од целиот свој процес на креирање на АДА. Тоа е потврда дека нашите деца можат и знаат, а за нив, се надевам, дека е порака дека сме тука и дека и во нивната татковина имаат шанса да се покажат”, рече Битиќи.

На презентацијата свои говори имаа и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, кои го поздравија почетокот на функционирањето на првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран врз вештачка интелигенција – АДА.

Се работи за проект поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој. Дигиталниот асистент е именуван по инспирација од Ада Лавлејс, која се смета за прва жена програмерка.