Седумчасовно работно време наскоро во Црна Гора?

Црногорската влада е блиску до решение со кое би се вовело седумчасовно работно време во таа земја, а работодавачите и синдикатите ќе бидат задоволни од моделот што се разгледува, објави денес претседателот на црногорската влада, Милојко Спајиќ.

Спајиќ рече дека, по обемно разгледување, е пронајден модел што ќе ги задоволи и синдикатите и работодавачите.

Тој најави широки консултации со социјалните партнери за следната недела, каде што, како што рече, ќе се кристализира конечната верзија на реформата.

„Целта е да се подобри квалитетот на живот на граѓаните“

Намерата, вели Спајиќ, е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во трудот во Црна Гора, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните и „повеќе време за семејството, но и поефикасна и попродуктивна работа“.

Синдикатот на работодавачи на Црна Гора (UPCG), од друга страна, тврди дека нема услови за седумчасовен работен ден.

„На почетокот не ја прифативме оваа идеја бидејќи верувавме дека е прерана, дека е усвоена без сериозна проценка на влијанието врз црногорската економија, за која знаеме дека има големи и бројни проблеми, а еден од клучните проблеми е хроничниот недостаток на работна сила“, рече Сузана Радуловиќ од UPCG.

Од Унијата на слободни синдикати велат дека го разбираат отпорот на економијата, но веруваат дека Црна Гора мора да се движи во таа насока.

„Владата не го исполни првичниот рок, но од нас зависи да направиме сѐ што е во наша моќ да седнеме на маса и да најдеме модалитети што е можно поскоро – без да чекаме да заврши мандатот на оваа влада. Доколку има разговори, сигурен сум дека ќе најдеме модел што ќе ги задоволи сите три страни“, рече Срѓа Кековиќ од Сојузот на синдикати.

Зголемени пензии и плати

Воведувањето на седумчасовно работно време е едно од предизборните ветувања на движењето „Европа сега“ на Спајиќ. Неговата популистичка влада претходно ги исполни ветувањата дадени на пензионерите и ја зголеми минималната пензија на 450 евра, додека ветувањето дека просечната плата во Црна Гора ќе биде илјада евра беше исполнето на крајот од минатата година.

Сепак, неговите критичари тврдат дека зголемувањата се нереални и на штета на црногорскиот буџет, како и дека постои можност за голем дефицит до крајот на годината, бидејќи зголемувањето на платите е реализирано со намалување на задолжителните даноци што работодавците морале да ги плаќаат во црногорскиот буџет.

Според најновата анализа на Министерството за финансии на Црна Гора, во првиот квартал од 2025 година е забележан дефицит на консолидираните јавни финансии во износ од 81,1 милиони евра, или 1,0 проценти од проценетиот БДП.

Кој е Спајиќ?

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ е дел од политичката структура која во 2020 година ја замени Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ на изборите за прв пат по 30 години.

Во првата влада по политичките промени, Спајиќ беше министер за финансии кој го дизајнираше проектот „Европа сега“, со кој минималните плати во Црна Гора се зголемија од 222 на 450 евра.

Со подоцнежните, исто така популистички ветувања, тој ја доби довербата на гласачите во Црна Гора, а неговото движење „Европа сега“ ги доби парламентарните избори пред две години.

Заедно со просрпската десница и албанските и бошњачките национални партии, тој ја формираше владата.