Седум лица повредени во пожар во Кочани ќе бидат пренесени во Шпанија

Две јавни болници во Мадрид, Шпанија, ќе примат на лекување седум лица повредени во страотниот пожар во ноќен клуб во македонскиот град Кочани, кои се очекува наскоро да пристигнат, објавија шпанските дневни весници „АБЦ Мадрид“ и „20Минутос“, повикувајќи се на информација потврдена од портпаролот на шпанската влада, Мигел Анхел Гарсија Мартин.

Од седумте трансфери кои се очекуваат наскоро, пет ќе одат во болницата во Ла Паз, а два во болницата Гетафе, која е меѓународно познат центар за лекување на изгореници. Наскоро се очекува доаѓањето на овие пациенти и болниците имаат се за нив подготвено.

Шпанскиот весник во вчерашното издание, меѓу другото, нагласува дека бројот на загинати во овој инцидент е над 50, додека бројот на повредени надминува 150. Од пламените јазици или чадот животот го загубија млади луѓе, меѓу кои и 25-годишниот фудбалер Андреј Лазаров. Тој, како и другите, загина обидувајќи се да спаси други луѓе во ноќниот клуб.

Весникот „20Минутос“ пишува дека во наредните денови на одделенијата за изгореници на државните болници во Ла Паз и Гетафе ќе бидат примени седум лица од Македонија, кои беа тешко повредени во пожар што избувна за време на забава во ноќен клуб во североисточниот град Кочани минатиот викенд. Овој трагичен инцидент ги однесе животите на близу 60 лица, повредија над 155 лица во различен степен, а доведе до 15 апсења поради нередовните услови во ноќниот клуб.