– Најмалку седум лица загинаа, а 14 се повредени во израелски снајперски оган во болница во градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, објави денес палестинското Министерство за здравство.
„Израелските снајперисти се наоѓаат околу медицинскиот комплекс Насер и пукаат во сѐ што се движи“, рече портпаролот на палестинското Министерство за здравство, Ашраф ал Кудра.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера изрази длабока загриженост за ситуацијата во болницата за време на израелската опсада на установата.
„Длабоко сме загрижени за безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал поради интензивирањето на непријателствата во близина на болницата“, рече Гебрејесус на социјалната мрежа Икс.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили продолжуваат да го напаѓаат Појасот Газа во напади во кои од 7 октомври се убиени најмалку 28.340 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се 67.984 лица.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.