Популарната српска фолк пејачка Сека Алексиќ ќе одржи концерт во Градско, во винаријата ,,Стоби” на 14-ти септември. Настанот ќе започне во 22 часот, а истата вечер настап ќе има и диџеј Милан.
Пејачката, за разлика од своите колеги од Србија, поретко доаѓа во Македонија. Имаше настап во хотел во Кочани кон крајот на минатата година, а три години пред тоа гостуваше во клуб во Струмица. Исто така, беше актуелна во земјава и пред десет години, кога дојде во Скопје на покана од Амди Бајрам, лидерот на Сојузот на Ромите. Тогаш пееше на предизборен митинг во Шутка, предводен од кандидатот за градоначалник Елвис Бајрам, син на Амди. Со оглед на нејзините ретки гостувања во земјава, се очекуваат голем број на посетители на концертот во ,,Стоби”.
Винаријата и во минатото беше домаќин на повеќе популарни музичари од регинот. Во годините наназад свои концерти имаат одржано Црвена Јабука, Фрајле и многу други домашни и регионални музички ѕвезди. Настаните секогаш поминуваат во одлична атмосфера, на отворено, со многу гости, добро вино и гурмански специјалитети.
Инаку, винаријата пред неколку дена започна со берба на винското грозје, а виното го произведува од сопствени лозови насади.