„Секој што ќе се осмели да го одвои Тајван од Кина ќе биде скршен на парчиња“, изјави кинескиот министер за одбрана

– Кинескиот министер за одбрана Донг Џун денес предупреди дека секој што ќе се осмели да го одвои Тајван од Кина ќе биде скршен на парчиња и уништен.

„Тајван е сржта на сите клучни прашања за Пекинг“, рече кинескиот министер Донг на безбедносната конференција во Сингапур.

Весникот „The Straits Times“ пишува дека Донг ја обвини тајванската владејачка Демократска напредна партија дека постепено води сепаратизам и се обидува да го избрише кинескиот идентитет и додал дека сепаратистите ќе бидат заковани на столбот на срамот во историјата.

Кина тврди дека Тајван е нејзина територија, а островот си има сопствена самоуправа.

„Кинеската Народноослободителна армија отсекогаш била неуништлива и моќна сила во одбраната на обединувањето на татковината и во секој момент ќе дејствува решително и силно за да ја обузди независноста на Тајван и да се осигури дека никогаш нема да успее во сепаратистичките обиди“, рече Донг.

Тензиите меѓу Пекинг и Тајпеј ескалираа откако новиот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те, кого Пекинг го нарекува сепаратист, ја презеде функцијата на 20 мај.

„Перспективите за мирно обединување со Тајван сѐ повеќе еродираат од овие сепаратисти и од надворешните сили“, рече министерот Донг.