Сексот можеби не е коренот на сè: Новото издание на делата на Фројд значително го менува толкувањето на таткото на психоанализата
„И додека седам овде во барот и го гледам низ прозорецот, верувам дека Фројд е во право и дека сексот е коренот на се“, е текстот на песната Забрането пушење. Да беше напишан денес, можеби овој стих немаше да има такво значење.
Според британскиот весник Гардијан, објавена е нова анализа на работата на австрискиот невролог и основач на психоанализата, која значително отстапува од досегашните тези за работата на Фројд.
Иако тезите на Фројд се толкувани така што сите наши соништа имаат основа во сексуалните фантазии и еротика, ревидираното издание на делото на Фројд „Толкувањето на соништата“ објавено од научникот Марк Солмс нуди малку поинакво разбирање на тезите на Фројд.
„Фројд имаше многу широко разбирање за сексуалноста. За него, секоја активност што бара задоволство сама по себе, се што е направено со единствена цел на задоволство, а не за практични цели – беше „сексуално““, вели Солмс, јужноафрикански психоаналитичар.
На овој начин Фројд опишал и дете кое шутира топка или замавнува на лулашка. Значи, суштината на се е чистото уживање.
„Ова го прошири зборот толку далеку од вообичаената употреба што доведе до значително недоразбирање на неговите теории. Доцна во животот, Фројд го призна ова“, рече научникот.
Комплетното ревидирано стандардно издание на Солмс беше нарачано од Британското психоаналитичко друштво за одбележување на 50-годишнината од објавувањето на последниот сегмент од делата на Фројд, а ќе биде објавено во Британија во музејот Фројд во Лондон на 19 септември оваа година.
Исто така, Солмс нагласи дека оригиналната верзија на тезите на Фројд на англиски јазик е објавена во 50-тите и 60-тите години на 20 век и во старата форма на јазикот.
Затоа, во новото издание, научникот исправи одредени грешки и го стави зборот „сексуален“ во помодерен и поинаков контекст.
“Поправив некои грешки. Преведувачот Џејмс Страчи беше постар и видот не му беше многу добар. Исто така, променив одредена терминологија што е надмината во ова време и додадов некои тези од делата на Фројд кои не беа во првата верзија”, вели Солмс.