Села и Лога не го прифаќаат ултиматумот од „Вреди“ да се премислат до сабота и да ги добијат печатите на АА за самостоен настап
– Коалицијата „Вреди“ денеска преку соопштение поставија ултиматум до Зијадин Села и Кренар Логар дека доколку до сабота се предомислат и да им се приклучат, ќе ги добијат печатите на Алијансата за Албанците за самостоен настап.
-Искрено жалиме што Села и Лога ги ставија личните пред интересите на Албанците кои јасно и недвосмислено се определени да го испратат ДУИ во опозиција. Има време до сабота, ако случајно се премислат, ќе ги добијат печатите на АА за пратенички листи за самостоен настап, се вели во соопштението на коалицијата.
Потсетија оти Арбен Таравари неодамна јавно им понуди на своите сопартијци од фракцијата во Алијанса за Албанците да им ги потпише листите доколку одлучат да настапат самостојно на претстојните избори.
-Зијадин Села и Кренар Лога смислиле евтино алиби зашто ќе одат спротивно од волјата на мнозинството Албанци. Зијадин Села не се изјаснува за оваа понуда бидејќи ние знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети. Затоа и го направи расколот во АА, се посочуват во соопштението.
На ова реагираа од крилото на Села во Алијансата за Албанците преку соопштение потпишано од генералниот секретар на партијата Кренар Лога. Во соопштение се посочува дека печатите на АА не се индивидуална сопственост.
-Печатите на АА не се индивидуална сопственост, уште помалку на оној кој го напушти својот политички дом, а што се однесува до ултиматумите, користете ги со ВМРО, а не со Алијансата за Албанците, се вели во реакцијата од АА.
Зијадин Села синоќа истакна дека Алијансата за Албанците има две опции на претстојните избори – да се приклучи кон еден од двата формирани албански блока или да не учествува на изборите.
Тој во синоќешното интервју во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, ова го кажа во контекст на судскиот процес што се води за прашањето кому му припаѓаат печатите на партијата – нему или на Арбен Таравари. Според Села, судењето нема да заврши во законскиот рок, што значи дека Алијанса за Албанците не би можела да оди сама на изборите.
-Имајќи во предвид дека судскиот процес за тоа кому припаѓа печатот на партијата Алијанса за Албанците не е завршен, а по се изгледа дека нема да се заврши во законскиот рок, ние нема да можеме да одиме сами на избори. Ни остануваат два избора, или да не учествуваме на изборите, или да се приклучиме на еден од двата формирани албански блокови. Сепак, Централното собрание на партијата ќе одлучи за следните наши чекор, рече Села.
Претседателот на Собранието на Алијансата за Албанците, Зијадин Села за утре попладне свика седница на Собранието на партијата, на која се очекува да се донесе одлука како ќе настапи партијата на претстојните избори.