Семејство заглавено во пештера во Словенија – се уште трае спасувачката акција

Пет лица останаа заробени во Крижна Јама, светски познатата водена пештера во Словенија, по обилните врнежи во саботата попладне. Станува збор за тројца членови на едно семејство и двајца водичи.

Според медиумите во Словенија се работи за мајка, татко и нивната ќерка, како и двајца водичи, а сега на социјалните мрежи се појавија и првите фотографии од спасувачката акција.

Тие останале заробени кога нивото на водата се зголемило поради дожд додека биле во јамата.

На местото на настанот се испратени повеќе интервентни единици на Спелеолошката спасувачка служба, како и пожарникари и нуркачи. Нуркачите во текот на ноќта успеале да стигнат до петте лица заробени во пештерата, но од пештерата ќе можат да излезат само кога ќе падне нивото на водата.

Во 21:15 часот, првите нуркачи на JRS влегоа во пештерата, го препливаа поплавениот дел зад првото езеро и напредуваа низ пештерата спротивно на струјата. Откако ја потрошиле опремата за обезбедување на трасата, се вратиле назад. Во овој момент, вториот тим нуркачи на JRS беше подготвен и во 0:33 (01.07.2024) четворица нуркачи на JRS тргнаа од првото езеро до пештерата. Нивната задача беше да ги опремат технички тешките делови од пештерата за да напредуваат низ пештерата и да ја пренесат опремата за снабдување (бивак, храна, облека, заштитни фолии и грејни подлоги). Голем проблем предизвикува силниот проток на вода кон излезот од пештерата – се наведува на Фејсбук профилот на Пештерската спасувачка служба.

Околу 4 часот наутро стигнале до исчезнатите на локација во пештерата наречена Крижна гора (околу 2,1 км од влезот во пештерата). Сите исчезнати во пештерата се пронајдени во добра психофизичка состојба.

Првиот човек на Словенечкото спелеолошко здружение Игор Бенко рече дека, според предвидувањата, водата треба да почне да се повлекува веќе попладнево, кога и температурите ќе почнат да опаѓаат.

Според него, може да поминат неколку дена додека излезот од пештерата повторно да биде безбеден.

Тој изјави дека во текот на денот спасувачите повторно ќе одат кај заглавените во пештерата, додавајќи дека патувањето до нив е напорно и трае неколку часа.

Крижна Јама е систем од пештери долги повеќе од осум километри, со неколку подземни езера. Посетата е дозволена само со водичи.