Серафимова: Некои загинати немале лични карти со себе, чекаме семејствата да ги идентификуваат телата

Директорката на кочанската болница Кристина Серафимова за медиумите зборуваше по трагедијата што се случи во раните утрински часови во кочанската дискотека.

Таа рече дека во болницата веднаш биле донесени околу 70 пациенти за лекарска помош, а меѓу нив има и починати лица.

„Околу 70 пациенти беа веднаш донесени во болница, а меѓу нив имаше и такви кои веќе починати. Ние како болница, како медицински тимови сите се мобилизиравме да ви дојдеме на помош и ви го пруживме потребниот третман, така што од 20-те пациенти што моментално ги имаме овде, тие се во постабилна состојба, додека најтешките случаи се испратени во Скопје и во Штип“, рече директорката Серафимова.

Таа додаде дека некои од загинатите немале лични карти со себе, па сега чекаат семејствата на починатите да ги идентификуваат телата.

„Имаше луѓе на возраст од 14 до 24 или 25 години. Некои од загинатите имале лични карти со што полесно се идентификувале, но некои не, па ги чекаме нивните семејства да ги идентификуваат телата“, рече Серафимова.

Потсетуваме дека во оваа трагедија животот го загубија над 70 лица, додека сопствениците на дискотеката беа лишени од слобода.