Сериозно здравствено нарушување кое предизвикува губење на косата и чувство на замор: Многумина го мешаат со стрес
Со години, Каролина Лефквист страдаше од сериозни здравствени проблеми што лекарите постојано ги припишуваа на стресот. Сепак, по четири години потрага, таа откри дека страда од нарушување на тироидната жлезда.
Каролина Лефквист со години се бореше со симптоми како што се опаѓање на косата , ненадејно зголемување на телесната тежина и хроничен замор. Иако имаше стабилна работа во Лондон и среќен личен живот, нејзиното тело покажуваше дека нешто сериозно не е во ред.
– Почнав да се дебелеам, косата ми паѓаше, имав тешкотии со дишењето при едноставна прошетка – рекла Каролина.
Повеќе лекари ги припишаа нејзините симптоми на стрес и ѝ советуваа да зема антидепресиви или повторно да почне да користи апчиња за контрацепција.
– Знаев дека не е стрес. Проблемот е што лекарите имаат само 10 до 15 минути за преглед и не можат да ја видат целата слика – вели таа.
По речиси четири години барање одговори, Каролина отишла во Брисел, каде конечно ѝ било дијагностицирано нарушување на тироидната жлезда, состојба која често ги погодува жените, но ретко се препознава на време. Таа верува дека нејзината состојба се влошила со долгото земање на апчињата.
– Почнав да ги земам кога имав 16 години. Немав поим дали моите хормони беа во рамнотежа тогаш.
Фрустрирана од години погрешни дијагнози, таа реши да преземе акција. Заедно со нејзината најдобра пријателка од детството, ја основа апликацијата „Hormona“, дигитална алатка која користи вештачка интелигенција за следење на хормоните , симптомите и расположението, со персонализирани совети од експерти од областа на ендокринологијата, гинекологијата и исхраната.
– Толку многу жени страдаат од хормонални промени, без разлика дали менуваат апчиња, се обидуваат да забременат или влегуваат во перименопауза. И никој не е таму да ги води низ тој процес – вели Каролина, пишува Мирор.
Апликацијата веќе ја користат илјадници жени ширум светот, а Каролина и нејзиниот тим работат со универзитети и истражувачи за подобрување на здравјето на жените за идните генерации.