Сериски силувач и убиец е егзекутиран синоќа во Алабама со азотен гас. Ова е четврти пат оваа американска држава да го користи овој начин на егзекуција.
Деметриус Фрејзер (52) беше осуден на смрт во 1996 година за убиство на 40-годишната Полин Браун, мајка на две деца во 1991 година во Бирмингем, Алабама.
Фрејзер беше прогласен за виновен за упад во нејзиниот стан, ја силувал и ја убил со истрел во главата. Поротата гласаше десет против два за да се изрече смртната казна.
Претходно беше осуден за убиство на тинејџерка
Според судските документи, Фрејзиер, кој бил Афроамериканец, ја обвинил претежно белата порота за расизам за време на судењето. Тој претходно беше осуден за силување и убиство на 14-годишната Кристал Кендрик во 1992 година во Мичиген.
Бидејќи Мичиген нема смртна казна, Фрејзер таму отслужил доживотна казна за тоа убиство и уште две силувања. Во 2011 година тој беше префрлен во Алабама, а сите жалби што ги упати да се врати во Мичиген беа одбиени од судовите.
Неговата одбрана се обиде да го спречи извршувањето со азот, тврдејќи дека тоа ќе биде сурова и невообичаена казна, но и тие жалби беа отфрлени.
Фрејзер беше погубен вчера во затворот во Атмор, Алабама. Според соопштението на Одделот за поправки, смртта била констатирана во 18:36 часот по локално време.
Алабама е единствената американска држава која користи азот како метод на егзекуција, додека другите користат смртоносна инјекција. Минатата година во таа земја беа извршени три егзекуции со азотен гас. Егзекуцијата се врши со испуштање на азотен гас во маската на осуденикот, што доведува до задушување поради недостаток на кислород.
Критика на Обединетите нации
Експертите на Обединетите нации назначени од Советот за човекови права на ОН го осудија овој метод на егзекуција, наведувајќи дека тоа „може да претставува сурово, нечовечко или понижувачко постапување, па дури и форма на тортура“ .
Минатата година во САД беа извршени 25 смртни казни. Смртната казна е укината во 23 од 50 сојузни држави, додека три други држави – Калифорнија, Орегон и Пенсилванија – воведоа мораториум на егзекуциите.
Аризона, Охајо и Тенеси, кои претходно привремено ги суспендираа егзекуциите, неодамна објавија дека планираат да продолжат со нивното извршување.