– Јорданскиот престолонаследник Ал Хусеин бин Абдула Втори вчера се ожени со саудиската архитектка Раџва Ал Саиф на венчавка на која присуствуваа многу членови на кралските семејства од целиот свет.
Раскошната венчавка се одржа во палатата Захран во јорданскиот главен град Аман, а улогата на сведоци на венчавката ја имаа кралот Абдула Втори, принцот Хасан бин Талал и таткото на невестата.
По свадбената церемонија, јорданската државна телевизија соопшти дека престолонаследникот и неговата невеста патувале низ главниот град придружувани со кралска поворка до палатата Ал Хусеиније, каде што се одржани прием и банкет.
Веднаш по свадбената церемонија издаден е кралски декрет со кој на невестата Ал Саиф ѝ се доделува титула принцеза.
Кралот и кралицата приредија свадбен прием во палатата Ал Хусеинија на кој присуствуваа повеќе од 1.700 гости, меѓу кои и челници на држави.
Кралот Абдула има четири деца, престолонаследникот Хусеин (29), принцезата Иман (27), принцезата Салма (23) и принцот Хашим (18).
Принцот Хусеин е легитимен наследник на јорданскиот престол, како што е наведено во Уставот на Јордан.
На церемонијата на венчавката на престолонаследникот Хусеин, меѓу другите, присуствуваа и малезискиот крал Ал-Султан Абдула Риајатудин Ал-Мустафа Билах Шах, холандскиот крал Вилем-Александер, ирачкиот претседател Абдул Латиф Рашид, либанскиот премиер Наџиб Микати, кувајтскиот престолонаследник Мишал Ал-Ахмад Ал-Џабер Ал-Сабах и сопругата на американскиот претседател Џо Бајден, Џил Бајден, и нејзината ќерка Ешли Бајден.