Европската Унија има сè помалку жители и тие во просек се сè постари, така што во 2070 година, со непроменето ниво на имиграција, во Унијата ќе живеат речиси 20 милиони луѓе помалку, од кои речиси една третина ќе бидат над 65 години.
На 1 јануари 2023 година, 451,4 милиони луѓе живееле во Европската Унија. Со сегашната годишна имиграција во ЕУ од 1,2 милиони, оваа бројка ќе се намали на 432,2 милиони до 2070 година.
Исто така, во 2023 година уделот на лицата постари од 65 години во ЕУ бил 21,2 отсто, а до 2070 година ќе се искачи на 30,5 отсто, објави денеска германската федерална статистичка служба, врз основа на бројките на европската статистичка агенција Еуростат.
Сепак, бројките варираат од земја до земја. Според заводот за статистика, намалувањето на бројот на жители најмногу ќе го почувствуваат земјите од истокот и југот на Европа.
Од друга страна, Исланд, Малта, Луксембург и Шведска би можеле да сметаат на значително зголемување на бројот на жители.
Институтот пресметал дека без имиграција, бројот на жители на Унијата ќе се намали уште драстично и дека во 2070 година во неа би живееле вкупно 358,4 милиони луѓе.
Со зголемување на нивото на имиграција за една третина, населението на ЕУ би броело 465,5 милиони луѓе во 2070 година.
Сепак, и толку поголем број имигранти не би влијаел значително на просечната возраст на европското население. Во случај на зголемување на бројот на имигранти за една третина, учеството на лицата постари од 65 години би достигнало 29,5 отсто во 2070 година наместо 30,5 отсто.
Во 2023 година, Италија имаше најголем процент на постари од 65 години со 24 проценти, проследена со Португалија (23,9 проценти) и Финска (23,1 проценти). Ова учество во вкупното население е најмало, со 27 отсто, во Шведска.
До 2070 година, редоследот би се променил до одреден степен, па Литванија би била на прво место според уделот на постарите граѓани во населението со 36 отсто, а потоа следат Италија и Португалија со по 34 отсто.
Според оваа пресметка, бројот на лица помлади од 20 години би се намалил од 20,3 отсто на почетокот на 2023 година на 17,9 отсто во 2070 година. На долг рок, Шведска, Франција и Данска тогаш ќе имаат најголем удел на млади луѓе – по 20 проценти.