Се огласи Бакингемската палата по изјавата на принцот Хари за помирување со кралското семејство (фото)
Бакингемската палата се огласи откако Апелациониот суд на Велика Британија ја отфрли жалбата на принцот Хари во врска со неговото право на полициска заштита додека беше во Велика Британија.
– Сите овие прашања беа постојано и темелно испитувани во судовите, секој пат со ист заклучок – се вели во краткото соопштение од Палатата.
Извори блиски до кралското семејство, исто така, нагласија дека кралот Чарлс не сметал за соодветно да коментира за случајот додека е во судска постапка, сметајќи дека какво било негово мешање би било спротивно на уставните принципи и поделбата на властите меѓу извршната и судската власт.
Откако беше објавена пресудата, принцот Хари го изрази своето разочарување во едно интервју, нарекувајќи ја одлуката „разорна“ и тврдејќи дека целиот процес е „класичен заговор на естаблишментот“.
Тој особено ја критикуваше работата на телото RAVEC (Извршен комитет за заштита на членовите на кралското семејство и важните јавни личности), тврдејќи дека не е спроведена годишна проценка на ризикот и дека не му е обезбедена основната грижа и заштита на кои, според него, има право.
Тој најави дека ќе се обрати до министерот за внатрешни работи со барање за итна ревизија на процесот и одлуките на RAVEC, нагласувајќи дека неговата цел цело време била да ја обезбеди безбедноста на своето семејство за време на посетите на татковината.
Сепак, судот заклучи дека немало процедурални неправилности или повреди на правата и дека RAVEC постапил во согласност со правилата. Затоа, принцот Хари ќе остане без автоматска државна полициска заштита во Велика Британија, а неговата безбедност ќе продолжи да се проценува од случај до случај, во зависност од проценката на ризикот на секоја посета.