Се огласи и Обвинителството за несреќата во која учествуваше Ѓорѓе Давид: Откриено како почина жената

Обвинителството на Македонија соопшти за тешка сообраќајна несреќа кај Куманово, во која учествувал и Ѓорѓе Давид и во која едно лице загина, а неколку се повредени.

Според првите информации, прво се судриле два автомобила, „фолксваген поло“ со кумановски регистрации и „фолксваген голф“ со скопски регистерски таблички. Како што се истакнува во соопштението до судирот дошло кога возачот на еден од автомобилите влегол на автопатот во спротивен правец.

„По тој првичен судир од автомобилот излегла сопатничката од возилото со кумановски регистрации и во тој момент на неа налетал автомобил „опел“ со српски регистарски таблички. Од ударот жената се здобила со тешки телесни повреди, од кои починала”, се вели во соопштението на обвинителството.

Издадена е наредба за обдукција на жртвата, но и за преглед на примероци од крв и урина на останатите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди.

,,Собрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа“, се додава во соопштението.

Да потсетиме, несреќата се случила синоќа околу 20 часот на патот Куманово-Табановце, а во несреќата загинала Љ. Т.(49).

Полицијата претходно соопшти дека „полото“ го управувал Б.Т.(24) од Куманово, додека „голфот“ го управувал В.П.(45). Зад воланот на ,,Oпел инсигнија” бил Ѓорѓе Давид.