Се почеста појава: Што да јадете, а што да избегнувате во исхраната доколку имате егзема?

Појавата на егзема на вашето тело може да биде многу болна, а најчесто се јавува кај децата и младите. Иако храната не предизвикува егзема, одредена храна може да ги влоши симптомите на оваа непријатна состојба на кожата.

Според Американската академија за алергија, астма и имунологија, егземата е воспалителна состојба на кожата која е предизвикана од фактори на животната средина и исто така може да биде наследна.

Дерматологот Робин Еванс истакнува дека е важно да се набљудува врската помеѓу исхраната и егземата бидејќи иста храна можеби нема ист ефект врз егземата кај различни луѓе.

Затоа тој истакнува дека за почеток јадете храна која е добра за здравјето на кожата и која обезбедува хранливи материи и хидратација. Храната што ја препорачува да ја јадете доколку имате егзема се дефинитивно маслиново масло, риба, лиснат зеленчук и овошје.

Иако некои лекари препорачуваат домати и јаткасти плодови, треба да бидете внимателни бидејќи тие можат да бидат потенцијални алергени. Затоа, доколку имате егзема, би било препорачливо да направите тест за алергија.

Дерматологот Еванс исто така препорачува храна како лосос, скуша и ленено семе за да се обезбедат дополнителни омега-3 масни киселини во текот на неделата. Други извори на растителни омега-3 масни киселини вклучуваат семиња од чиа, ореви и едамам.

Се препорачува да ја намалите потрошувачката на млечни производи бидејќи млекото и сирењето можат да го зголемат воспалението во телото. Сепак, многу експерти истакнуваат дека во исхраната треба да го вклучите јогуртот.

Бидејќи егземата е воспалителна состојба, најдобро би било да ја намалите храната што може да предизвика воспаление, како што се црвено и преработено месо, слатки, засладени пијалоци, пржена храна и преработени десерти и колачи.

Важно е да се истакне дека треба да го зголемите внесот на вода бидејќи луѓето со егзема имаат сува кожа, па тоа може да им помогне во хидратацијата.