Се сеќавате ли на морската слуз што беше забележана во Јадранското Море во 2024 година? Научниците открија што е тоа
Институтот „Руѓер Бошковиќ“ од Хрватска го истражувал феноменот во текот на летото 2024 година во Јадранското Море, каде што е регистрирано зголемено количество на таканаречена „морска слуз“, и ги објавил резултатите од истражувањето за што всушност станува збор.
Бело-сивата морска слуз беше присутна на брегот на Јадранското Море во текот на целото лето, а беше забележана и во Истра и на југот на Хрватска.
Научниците истражувале што всушност се случило и ги објавиле резултатите од истражувањето во списанието „Естуарин, Костјал енд Шелф Сајанс“.
„Истражувањето покажа дека ова лигаво (слузно) насобирање во морето е резултат на комбинација од неколку фактори, како што се невообичаено топлите зимски и пролетни месеци, високата соленост на морето и големите количини на речна вода што донеле хранливи материи од април до јули. Сето ова создало идеални услови за „цут“ на организмите што произведуваат слуз“, изјави Институтот.
Од јануари до август, морето и воздухот беа за два до четири степени Целзиусови потопли од просекот, што го прави овој настан важен пример за тоа како климатските промени можат да ја зголемат фреквенцијата и сериозноста на ваквите настани во иднина.
Истражувањето го водел д-р Ивица Вилибиќ, а учествувале научници од Хрватска и Словенија. Меѓу нив се најдоа имињата на Елена Терзиќ, Ива Врдољак, Ива Доминовиќ Новковиќ, Мартина Водопивеца, Ирене Цигленечки, Тамара Ѓаковац и Бојан Хамера.
Покрај Институтот „Руѓер Бошковиќ“, во истражувањето учествуваа и Природно-математичкиот факултет во Сплит и Националниот институт за биологија Пиран.