Се урна тунел во Лос Анџелес; Спасени се повеќе од 30 работници 

Најмалку 31 работник беа спасени откако синоќа се урна тунел во индустриски комплекс во Лос Анџелес, соопшти Противпожарната служба на Лос Анџелес (LAFD).

Колапсот се случил во тунел со дијаметар од 5,5 метри, кој се гради за управување со отпадни води, а кој се наоѓа осум до 10 километри јужно од единствениот влез во комплексот на тунели, пишува ABC News.

Работниците успеале да „се искачат преку куп лабава земја висока 3,6 до 4,5 метри“ за да се спуштат до другите колеги, а потоа со возила од тунелот биле транспортирани на безбедно место. На местото на настанот биле повеќе од 100 припадници на LAFD, вклучувајќи ги и екипите за пребарување и спасување.

Работниците беа евакуирани со помош на специјални кафези подигнати со кран, и сите излегоа без видливи повреди.

Прелиминарните извештаи покажуваат дека најмалку 27 работници биле прегледани од болничари на местото на настанот.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, им се заблагодари на спасувачите и работниците за нивната храброст.

„Вие сте вистинските херои на Лос Анџелес“, рече таа на социјалните мрежи.

Завршувањето на работите на овој тунел е планирано за 2027 година. Претходно беше објавено дека најмалку 15 работници биле заробени по уривањето на тунелот.