Се чекаат резултатите од брисевите во кујната на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, по труењето со храна на 140 деца
Се уште се чекаат резултатите од анализите на примероците земени во кујната на основното училиште Ѓорѓија Пулевски во скопската населба Аеродром.
Вчера, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со скопскиот Центар за јавно здравје, ДСЗИ и Институтот за јавно здравје спроведоа вонреден инспекциски надзор.
Земени се четири контролни примероци од храната која на учениците им била послужена, 5 бриса од работни површини и опрема и примероци од раце, од вработените лица во кујната.
Децата од прво до трето одделение во целодневна настава, според информациите ручале мусака, а добиле и десерт по ручекот.
Потоа, 140 ученици од вкупно 360 коишто се дел од целодневната настава пројавиле слични симптоми – болки во стомакот, повраќање и течна столица.