Се шири опасна инфекција во Јапонија, ПРЕДИЗВИКУВА ТОКСИЧЕН ШОК И СМРТ, експертите целосно збунети: „Не можеме да го објасниме ова“

Експертите предупредуваат дека ретка, но опасна бактериска инфекција се шири со рекордно темпо во Јапонија, а властите се обидуваат да ја идентификуваат причината.

Се очекува бројот на случаи во 2024 година да ги надмине минатогодишните рекордни бројки, бидејќи расте загриженоста дека најтешката и потенцијално фатална форма на стрептококна болест од групата А – стрептококен токсичен шок синдром (STSS) – ќе продолжи да се шири, по присуството на високо вирулентни и заразни соеви потврдени во Јапонија.

„Сè уште има многу непознати фактори во врска со механизмите зад фулминантните (тешки и ненадејни) форми на стрептокок , и не сме во фаза каде што можеме да ги објасниме“, велат од Националниот институт за заразни болести (NIID).

Привремените бројки објавени од NIID забележаа 941 случај на STSS пријавени минатата година. Во првите два месеци од 2024 година, веќе се пријавени 378 случаи, при што инфекции се идентификувани во сите, освен во две од 47-те префектури во Јапонија.

Додека се смета дека постарите луѓе се изложени на поголем ризик, сојот од групата А води до повеќе смртни случаи кај пациенти помлади од 50 години, според NIID.

Од 65 лица на возраст под 50 години дијагностицирани со STSS помеѓу јули и декември 2023 година, околу една третина, или 21, починале, објави весникот Асахи Шимбун.

Повеќето случаи на STSS се предизвикани од бактерија наречена streptococcus pyogenes. Попознат како стрептокок А – може да предизвика болки во грлото, најмногу кај децата, а многу луѓе го имаат без да знаат и да не се разболат.

Но, високо заразните бактерии кои предизвикуваат инфекција може, во некои случаи, да предизвикаат сериозни болести, здравствени компликации и смрт, особено кај возрасните постари од 30 години. Околу 30% од случаите на STSS се фатални.

Постарите луѓе може да доживеат симптоми слични на настинка, но во ретки случаи, симптомите може да се влошат и да вклучуваат болки во грлото, тонзилитис, пневмонија и менингитис. Во најтешките случаи, може да дојде до откажување на органите и некроза.

Некои експерти сметаат дека брзиот пораст на случаите минатата година е поврзан со укинувањето на ограничувањата наметнати за време на пандемијата на коронавирус .

Во мај 2023 година, владата го намали статусот на инфекција на Ковид-19 од класа втора – која вклучува туберкулоза и САРС – на класа пет, ставајќи го на исто ниво со сезонски грип. Промената значеше дека локалните власти повеќе не можеа да им наредуваат на заразените луѓе да се држат настрана од работа или да препорачаат хоспитализација.

Овој потег, исто така, ги охрабри луѓето да се релаксираат, во земја каде што широко распространето носење маски, дезинфекција на рацете и други мерки се заслужни за одржување на релативно низок број на смртни случаи од Ковид-19.

Кен Кикучи, професор по заразни болести на Женскиот медицински универзитет во Токио, вели дека е „многу загрижен“ поради драматичното зголемување оваа година на бројот на пациенти со тешки инвазивни стрептококни инфекции.

Токио

Тој смета дека прекласификацијата на Ковид-19 е најважниот фактор зад зголемувањето на инфекциите со стрептокок пиоген. Ова, додаде тој, доведе до тоа повеќе луѓе да ги напуштат основните мерки за спречување на инфекции, како што е редовната дезинфекција на рацете.

– Според мое мислење, над 50% од Јапонците се заразени со Сарс-КоВ-2 (вирусот што предизвикува ковид-19). Имунолошкиот статус на луѓето по закрепнувањето од Ковид-19 може да ја промени нивната подложност на некои микроорганизми. Треба да го разјасниме циклусот на инфекција на тешките инвазивни стрептококни пиогени заболувања и веднаш да ги ставиме под контрола – изјави Кикучи за The Guardian.

Стрептококните инфекции, како оние на Ковид-19, се шират со капки и физички контакт. Бактериите можат да заразат пациенти и преку рани на рацете и нозете.

Стрептококните инфекции се третираат со антибиотици, но на пациентите со потешка инвазивна форма најверојатно ќе им треба комбинација од антибиотици и други лекови, заедно со интензивна медицинска нега.