СЗО: Во судирите во Судан 413 загинати и 3.551 повреден од средината на април

– Во судирите во Судан од средината на април загинаа 413 лица, а 3.551 лице е повредено, изјави денеска во Женева, портпаролката на Светската здравствена организација (СЗО), Маргарет Харис.

Портпаролот на Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ), Џејмс Елдер на истиот брифинг рече дека „најмалку девет деца загинале во борбите, а повеќе од 50 деца се повредени“. Тој исто така рече дека виталната грижа што ја имале околу 50.000 деца пред конфликтот била „прекината“ поради акутна неисхранетост.

„Животите на овие деца се загрозени“, изјави портпаролот на УНИЦЕФ.

Многу семејства поради борбите се заробени, со мал или никаков пристап до електрична енергија, вода, храна и лекови.

Судан има една од највисоките стапки на детска неисхранетост во светот. Според податоците на УНИЦЕФ, пред конфликтот во земјата имало повеќе од 600.000 деца кои страдале од тешка акутна неисхранетост.

Судирите во Судан продолжија и денеска и покрај повиците за прекин на огнот по повод празникот Рамазан Бајрам. Судирите почнаа кога тензиите меѓу војската и Силите за брза поддршка ескалираа, одложувајќи го потпишувањето на договорот за повторно покренување на демократизацијата на Судан.