СЗО загрижена поради недостигот на помош во северозападните делови на Сирија погодени од земјотресот
– Светската здравствена организација (WHO) објави дека е загрижена поради недостигот на неопходна помош во северозападниот дел на Сирија, кој е погоден од разорните земјотреси во Турција јавува Анадолу.
„Сосема е јасно дека подрачје на најголема загриженост е токму северозападна Сирија“, изјави шефот на Светската здравствена организација за итни случаи, Мајк Рајан.
Тој наведе дека од земјотресот се погодени и регионите кои ги контролира режимот во Сирија.
Меѓутоа, Рајан рече дека луѓето на тоа подрачје имаат пристап до услугите што им се потребни.
„Мораме да имаме на ум дека во Сирија се водеше десетгодишна војна. Здравствениот систем е неверојатно кревок“, рече Рајан.
Тој укажа на важноста од привремено отворање на некои гранични премини во рамките на хуманитарната помош.
Рајан истакна дека фокусот во моментов е насочен кон потребите на луѓето.
Во Сирија загинаа најмалку 2.688 лица, додека повеќе од 14.749 се повредени во двата силни земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 со епицентар во турската област Кахраманмараш, кои го потресоа регионот на 6 февруари.