СЗО: Најмалку 94.000 литри гориво дневно се потребни за одржување на клучните функции во големите болници во Газа
– Најмалку 94.000 литри гориво дневно се потребни за одржување на клучните функции во 12 големи болници во Газа, објави денес Светската здравствена организација (СЗО).
Ричард Пиперкорн, претставникот на СЗО на окупираната палестинска територија, им рече на новинарите дека акутниот недостиг на гориво и медицински материјали загрозува 1.000 пациенти на кои им е потребна дијализа, 130 предвремено родени бебиња во инкубатори, 2.000 пациенти со карцином и пациенти на интензивна нега, луѓе на вентилатори и оние кои примаат нега со помош на машина.
„Здравјето на мајките и доенчињата се влошува бидејќи акутната криза со гориво ги става бебињата во ризик, влошувајќи го статусот на безбедноста на храната“, рече Пиперкорн.
Истакнувајќи дека во Газа има околу 50.000 бремени жени, тој рече дека во овие услови дневно се случуваат во просек по 183 раѓања.
Тој додаде дека поради спречување на влезот или излезот на хуманитарните залихи и пациенти, во просек 95 пациенти дневно не се во можност да пристапат до специјализирана здравствена заштита надвор од Газа.
Според неговите зборови, од 7 октомври досега имало 75 потврдени напади врз здравствени установи во Газа, во кои загинале 16 здравствени работници на должност, додека 30 се повредени.
Пиперкорн повика на континуирано снабдување со гориво, храна, вода и медицински материјали за Газа, нагласувајќи ја потребата од безбедно преминување на залихите во Газа и хуманитарен прекин на огнот.
Тој исто така повика на откажување на наредбата од Израел за евакуација на Палестинците од нивните домови во северниот дел на Газа и преселбата на југ.