Мозамбик ја доживува најтешката епидемија на колера во последните десет години по минувањето на циклонот Фреди, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО).
„Во Мозамбик од октомври до април редовно се случуваат епидемии на колера, но оваа епидемија е најлоша во последните десет години, со речиси 21.000 случаи на зарази и 95 смртни случаи“, соопшти претставникот на СЗО во Мозамбик.
Според него, епидемијата продолжува да се шири географски, посочувајќи дека само во изминатата недела биле зафатени уште пет области на таа африканска земја. Досега се погодени 47 области во осум од 11-те провинции во земјата.
Колерата е многу заразна болест која може да усмрти за неколку часа доколку не се побара лекарска помош, а најчесто се јавува каде хигиенските услови се лоши.
„Во Мозамбик, колера се појави по минувањето на циклонот Фреди, кој неодамна го погоди јужниот дел на Африка. Циклонот уништи повеќе од 132.000 домови и расели 184.000 луѓе“, соопшти СЗО, додавајќи дека повеќе од 160 здравствени установи се оштетени.
„Покрај колера, се стравува и од ширење на маларија“, додава СЗО.