Сигурниот стопер на Атлетик Билбао, Јерај Алварез, падна на допинг тест, а тврди дека за тоа е виновен лекот што го земал против опаѓање на косата.
30-годишниот Јерај, кој го победи ракот на тестисите во 2017 година и беше стандарден член на одбраната на Атлетик покрај Дани Вивијан, не го помина допинг-тестот по првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на Европа против Манчестер Јунајтед.
Јерај објасни дека е привремено суспендиран, а се брани велејќи дека забранетата супстанца е пронајдена во неговото тело бидејќи користел лек против опаѓање на косата.
„Откако го победив ракот, со години користам третман за алопеција и откако го проучивме случајот, беше утврдено дека позитивниот резултат се должи на ненамерно внесување на превентивен лек против опаѓање на косата, кој содржеше забранета супстанца“, објави Јерај.
Атлетик Билбао објасни дека привремената суспензија на Јерај се должи на „човечка грешка“, но нагласија дека процесот е сè уште во тек и дека не можат да дадат подетални изјави.