Силјановска: Билатерализацијата е реална опасност за проширувањето на ЕУ

Претседателката Гордана Силјановска Давкова вчера имаше работен ручек со амбасадорите на земјите членки на Европската унија во земјава, во организација на унгарскиот амбасадор, Андраш Клајн.

Во пријателска атмосфера се разговараше за актуелните домашни, регионални, европски и светски настани и процеси.

Беше ставен акцент на проблемите и пречките на Северна Македонија во евроинтеграциите и потребата од креативни решенија за надминување на бугарско-македонскиот спор во духот на пријателството и добрососедските односи, со почитување на основните вредности и принципи на ЕУ.

Претседателката ја потврди нејзината доверба, посветеност и длабока решеност за спроведување на реформската агенда во согласност со критериумите од Копенхаген, со активно партнерство со ЕУ.

Таа нагласи и дека билатерализацијата и преседани се реална опасност за проширувањето.

Според неа, во амбиент на воени конфликти, заедничко е проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, кои природно и’ припаѓаат на Европа: географски, историски и културолошки и водат заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ, имаат заеднички интерес и го зајакнува нивниот имунитет против заканите.