Силјановска-Давкова: Блокирањето на европскиот интегративен пат на Македонија е сериозен безбедносен ризик за Западен Балкан и ЕУ

Блокирањето на европските интеграции добива димензија и карактер на сериозен безбедносен ризик за регионот на Западен Балкан, но и за ЕУ, оцени денес претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Силјановска-Давкова.

Во својот говор на централната свеченост по повод Денот на армијата, 18 август, Силјановска-Давкова изјави дека природата на војната брзо се менува, а галопирачката трка во вооружување диктира поголеми инвестиции во одбраната.

Според неа, важноста на самоодржливоста никогаш не била поголема.

„Во оваа бура, мора што е можно поскоро да почнеме, како што веќе почнавме, стратешки да ги планираме нашите ресурси и нивното користење. Надлежните институции мора да размислат за долгорочни проекти што ќе гарантираат самоодржливост и развој на одбраната не само во мирни услови, туку и во услови на воена закана и можен конфликт“, рече претседателот.