Силјановска Давкова: ЕУ земјите од регионот да го поддржат европскиот пат

Претседателската на Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, беше домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како завршна активност во рамки на македонското претседавање со Процесот, јавува Анадолу.

Туркије, која е членка на ПСЈИЕ, на Самитот беше претставувана од министерот за надворешни работи, Хакан Фидан.

По завршувањето на Самитот, претседателската Силјановска Давкова одржа заедничка прес конференција со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. Црна Гора претседаваше со ПСЈИЕ минатата година, а Албанија е следната земја претседавач со Процесот.

Претседателската Силјановска Давкова рече дека е многу задоволна од денешниот ден. Таа зборуваше за евроинтеграциите и истакна дека е исклучително важно членките на ЕУ од регионот да ги поддржат на европскиот пат сите учесници на Процесот кои не се членки на ЕУ, додавајќи дека така се гради инклузивна регионална соработка.

„Европа се соочува со сериозни економски и безбедносни предизвици. Војна има на европско тло, а како што знаете, европскиот проект е мировен проект. Свесни сме дека постои замор од проширувањето, но постои уште поголем замор од чекањето. Затоа, во својство на претседавачи со Процесот, ги охрабрувам европските партнери да останат доследни, кредибилни и принципиелни кон европската идеја“, рече Силјановска Давкова.

Претседателката истакна дека процесот на зачленување во ЕУ мора да се заснова на меритократија и на доследно спроведени реформи.

Зборувајќи за безбедносните предизвици, таа рече дека регионот има заедничка одговорност во зачувувањето на мирот, додавајќи дека неопходно е да се подобрат националните и регионалните капацитети во однос на безбедносните прашања и да се продолжи соработката со НАТО.

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во својот говор упати честитки за успешното претседавање на Северна Македонија со Процесот, додавајќи дека уште еднаш заеднички е промовирана визијата за регионален просперитет и стабилност.

„Во текот на минатогодишното претседавање на Црна Гора, дефиниравме две приоритетни теми. Прва, забрзување на европските интеграции на нашиот регион и втора, унапредување на регионалната соработка. Една година подоцна, денес тука во Скопје, со задоволство можам да констатирам дека сите заедно направивме значајни чекори кон остварување на наведените цели“, рече Милатовиќ.

– „Албанија останува страстен и проактивен поддржувач на регионалната соработка“ –

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во својот говор рече дека денешната средба била успешна, и им се заблагодари на домаќините за организирањето на Самитот.

Тој истакна дека овој Самит доаѓа во важен момент за зајакнување на регионалната соработка и за забрзување на процесот на интеграција во ЕУ.

„Убеден сум дека работата и постигнатите резултати за време на вашето едногодишно претседателство придонесоа да имаме посилна и поактивна организација, како и да изградиме подобра, подемократска и попросперитетна иднина. Албанија останува страстен и проактивен поддржувач на регионалната соработка, соработка која го подобрува животот на нашите граѓани, ги зајакнува добрососедските односи и ги помага евроатлантските интегративни процеси“, рече Бегај.

Тој додаде дека Албанија ќе претседава со Процесот по трет пат, нагласувајќи дека приоритети ќе бидат евроинтеграциите, одржливиот економски раст, зелената и дигиталната агенда, туризмот, културата и меѓуповрзаноста.

ПСЈИЕ е регионална иницијатива во која членуваат 13 земји: Северна Македонија, Туркије, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Хрватска, Молдавија, Црна Гора и Словенија.

Иницијативата има за цел да создаде атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност.