Македонија и Црна Гора имаат исклучително добри односи и немаат отворени прашања. Политичкиот дијалог меѓу двете земји е на највисоко ниво и сведочи за взаемната посветеност за натамошно зајакнување на соработката, особено на економски план, изјавија на денешната прес-конференција во Цетиње претседателите Гордана Силјановска-Давкова и Јаков Милатовиќ.
Милатовиќ истакна дека двете земји имаат заедничка цел, а тоа е интеграција во Европската унија.
„Во 2005 година, тогаш Македонија, сега Северна Македонија, стана земја кандидат за членство во ЕУ. Поминаа четири или пет години пред Црна Гора да стане кандидат. По 20 години, Северна Македонија сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, меѓу другото и поради билатералните односи со соседните земји“, рече црногорскиот претседател.
Црна Гора, како лидер во овој процес, како што нагласи, претендира да стане 28-ма членка на ЕУ до 2028 година и на овој пат останува искрен пријател на европската интеграција на Северна Македонија и на целиот регион.
Претседателката Силјановска-Давкова, говорејќи за уставните измени, рече дека како држава повторно сме соочени со барањето на ЕУ да дојде до новите уставни измени.