„Симнете се и продолжете пеш, пругата е расипана“ им рекле на патниците во возот од Скопје до Битола
Патничкиот воз кој сообраќа од Скопје до Битола, повеќе од еден час е заглавен на железничката станица Рајко Жинзифов пред Велес. Возот бил полн со патници, а на нив им кажале дека пругата е расипана и дека возот нема да сообраќа. Патниците оставени сами на себе со куферите да одат пеш неколку километри кон Велес, иако нема асфалтиран пат во тој предел.
Вчера од ЈП ЖРСМ Инфраструктура рекоа дека поради поправка на пруга, железничкиот сообраќај на релацијата Скопје-Велес-Скопје ќе биде делумно затворен од 26 јуни до 10 јули. Во овој период нема да има сообраќај на патничките и товарните возови во терминот од осум до 14 часот. Но, и покрај тоа, оттаму рекоа дека првиот патнички воз кој ќе сообраќа е тој од Скопје за Битола од 14:30 часот и сите наредни ќе бидат во функција, исто како и утринските.